Писмо од Ѓорче Петров до деец на движењето од Ахчелебиско, со објаснување за целите на Внатрешната организација и со совети за практична дејност | ||||||||
Брате Бочуков, Моето доаѓање во Чепеларе беше најповеќе, за да се видиме со тебе и со некој друг од Вас, внатрешните пријатели, како и за да ме запознаете вие со положбата на работите и условите по ваше гледање, така и јас да ви објаснам во духот и правецот на нашите работи. Посакуваното не се случи. Кој е прав, кој крив не знам, но мене ми е многу мака. Заслужува при првата можност да го земеш некогаш одморот и да дојдеш да се видиме. Твоето доаѓање тука е полесно, отколку моето таму. Пречка си имал од некои од селските великодостојници. Постави се како ти да ги владееш, со зло или со добро. Од твоето писмо до комитетот, од разговорите со некои момчиња од Софија и со пријателите од Чепеларе гледам, дека ти си слабо проникнат во суштината на нашите работи. Во секој случај ќе се користам со писма за да ја пополнам празнината. Не е пожелно да ги повторите нашите грешки со горчливите работи, кои досега нам ни ги донесе нашето искуство. Еве ти сега некои упатства: 1. Суштествуваат две организации по ослободителното дело, една внатре, друга тука. Управните тела: ЦР М-О-К таму, „Врховен Мак. Комитет“ тука, се во сојуз, без да се мешаат во работите на другиот. Посредникот сум јас, како член на Ц. Комитет и како таков со полномоштво во ВМК.[1] Вие сигурно влегувате во реонот на Ц.К. (во кој округ уште не е определено) и треба да влезете во директни контакти со него [2]. Тука ќе се обраќате до мене само за брзи работи и што зависат исклучително од Бугарија. Посредници за тоа ќе бидат нашите чепеларски пријатели. Бидејќи соопштенијата со внатрешните уште не ви се уредени, засега контактите ќе се одвиваат остука. Надвор одовде никакви контакти со кого и да е во Бугарија не им се дозволуваат на одделните комитети. Тоа ја изискува како нуждата од целост во внатрешната организација, така и интересот на самите месни погранични комитети. Сто тојаги по туѓ грб се ништо. Тукашните луѓе се сигурни од било каква опасност, со своите намисли можат само пакости да ви предизвикаат. Имаме горчлив пример од овој вид. Пазете се од такви намисли на неканети патриоти, ако не сакате да ве стигне судбината на пограничните македонски комитети. Основното начело на нашата организација е — приготвување на едно општо востание со чисто народни средства и сили, кое што начело содржи во себеси едно друго — самоувереноста и верата во себеси. Тешко е спроведувањето на овај почеток, но е неопходно за успешното завршување докрај. Тешко е, затоа што нашите луѓе без кураж и силна воља и со многу зачувани ропски особини, сe однадвор очекуваат, сe другиму се надеваат, сe јака потпора бараат. Тоа е неопходно, затоа што не може да се нарече готов за востание оној народ, онај негов дел, па ако сакате и оној индивидум, кој не се надева на себеси и не верува во своите сили и затоа што без него (ова е почеток) ние ќе бидеме играчка на шарлатаните и бездушните политикани. Во духот на тој почеток, сетете се сам каков правец да им давате на работите во секој конкретен случај. Силата кај секој еден во нас треба да оди одозгора надолу. Работниците поодделно со својата готовност на материјални и морални жртви за општите потреби на местото, готови секој за себеси во морален и материјален поглед, да ја создаваат силата на месниот комитет, на одделните месни комитети — на ЦК. Заблуда или подобро слабост е на одделните лица да бараат сe од комитетот. Истото е и за месните комитети во однос на ЦК. Секој работник ќе се труди, да направи се што е неопходно за себе а истовремено да му послужи и на централното раководно тело за општите потреби, секој месен комитет ќе го прави истото и за себеси и за ЦК. Барањето од тебе оружје одовде, како што разбираш, не одговара на горното. Кога комитетите (Ц. и Врх.) најдат средства да достават оружје, тоа ќе биде на нивно располагање, во резерва — нема да го раздаваат. Доволно е толку теорија. За практичните работи. Во почетокот се полакомивме за луѓе. Горчливи резултати добивме. Не ја повторувај грешката — т.е. прави избор на луѓето. Мачи се да создадеш количествено ограничена, но здрава организација во твојот крај; во прво време ќе треба главното управното тело кај вас да има полиција и курири со нужното оружје за нив. Здрави канали. Скривалишта за луѓе и материјал и извесен број на одбрани момчиња, готови да излезат со пушка во рака во било кој случај и секогаш, а не само во моментот на востанието и заедно со сите, како што обично зборуваат. Тоа е тоа, организацијата во вистинскиот смисол на зборот. Надвор од тоа, преку весниците и усните агитации се води широката агитација. Главно треба да се убедува населението, без разлика на членство или нечленство, да се вооружуваат. 2) Извршувајте го строго Правилникот. Пропуштањето на малите работи, со време ќе ве разглобат. 3) Од кај вас има гурбетчии работници, коишто мислат, дека и воените тука им помагаат. Штом ја минат границата, зборуваат како во својот дом. Да се предупредат за ова сите членови, ако не сакате да го знаат шпионите тука тоа, што вие го правите таму. 4) Да има членски влог, макар и малку. Тој има и морално значење. Со нив ќе ги покриваме неодложните потреби. Недостатокот ќе го дополнувате со слободна и доброволна помош, од добри работници или симпатизери, но не готови за смрт. За собраните и поарчените пари ќе треба насекаде да водите сметка. За сносување на крајните потреби на организацијата и месните комитети, посебно собирајте пари со потврда од ЦК и едно знај, дека потврдата не се дава за помалку од 5 т. лири. За таа цел да ми испратиш список на луѓето, за да се напишат потврдите. Ако сметаш на голем успех, пиши ми да ти испратиме човек од тука за другар. Потврдите ќе се даваат на луѓе, коишто нема да ги издадат, затоа што самите вие не сте закрепнале, а и другите работи ќе пречат привремено на теророт. Добро ќе биде, ако гледаш да ангажираш луѓе за оружје, за да може потивко да се сврши планот со него. Мојата постапка за Тошевото преместување беше доцна, па не можев да успеам. Го Викав во Чепеларе со вас, но не дојде. Крајни мерки спрема него ќе преземете, откако се доби писмо од ЦК, за којашто цел пишете, за да пишам и јас. Петте револвери на братството нека останат комитетски, а вие и раководителите приватно ќе си купите по еден, затоа што и оние што се кај вас, ќе требаат за курирот на тајната пошта. Два товари со пушки, наскоро ќе треба да заминат за Габрово. За таа цел договорете се со Влчев од Чепеларе. Накрај ќе кажам, дека времето не дозволува да одиме полека, туку брзо, затоа што не знам на каква пролет ќе осамнеме. Работете да не би некогаш да се каете. Пловдив, 5. XI. 1899 г.
|
||||||||
Подготвува: Цане Ѓорѓиевски |
||||||||